Валерија е магистер на технички науки од областа на градежништвото, хидротехника и работи како професионалец за управување со речни сливови во рамките на Програмата за управување, користење и заштита на подземните води во Северна Македонија. Некои од нејзините академски истражувања, како „Хидролошко моделирање на речен слив: студија за сливот на реката Црн Камен“, беа објавени во Научното списание за градежништво (SJCE) на Градежниот факултет во Скопје.
Со четири години искуство во хидроинженерство и проектирање, таа е посветена на унапредување на одржливото и интегрирано управување со водните ресурси. Нејзината работа е насочена кон заштита и одговорно користење на подземните води, препознавајќи ја нивната суштинска улога во поддршка на заедниците и екосистемите. Таа е мотивирана од верувањето дека водата не е само ресурс, туку заедничка одговорност, и дека внимателното, научно базирано управување е клуч за градење отпосоорност на климата и заштита на животната средина за идните генерации.
Нејзината страст за одржливост се протега и надвор од професионалната работа. Активно ја подига свеста за еколошките влијанија од т.н. “брза мода”, залагајќи се за поодговорна потрошувачка преку рециклирање на текстил, примена на принципите на циркуларната економија во модата и промоција на облека од втора рака и преправена облека. За неа, врската меѓу водата и модата е јасна — производството на текстил бара значителни количини вода, што претставува потсетник како нашите секојдневни избори се поврзани со одржливото користење на ограничените природни ресурси на планетата. Таа верува дека малите, секојдневни одлуки можат да имаат значително влијание во создавањето на поодржлива иднина.