26 декември 2025
Програмата за управување, користење и заштита на води донираше современа мониторинг опрема во Институтот за јавно здравје што ќе овозможи подобрување на квалитетот и зголемување на обемот на анализите на води што ги спроведува оваа институција. Станува збор за стратешка инвестиција за иднината на управување со водните ресурси во државата, имајќи предвид дека оваа специјализирана опрема ќе овозможи изградба на квалитетни, одржливи и стандардизирани практики за земање примероци вода.
Тоа ќе придонесе за собирање доверливи и прецизни податоци кои се исклучително важни за развојот на Планот за управување со сливот на река Вардар. Овој план е фундаментален за усогласување на националните практики со ЕУ директивите, вклучувајќи ги Рамковната директива за води и Директивата за подземни води, со што се зајакнува правната рамка и процедурите за ефикасно управување со водните ресурси.

Имајќи ги предвид сите овие аспекти, оваа донација претставува значајно унапредување на техничките капацитети на институцијата. Опремата за мониторинг на води ќе придонесе во градењето кредибилни, мерливи и инклузивни реформи кои ќе обезбедат заштитата на нашите води за идните генерации.
Клучните придобивки за работата на Институтот за јавно здравје се:
- Гарантирање научна точност и следливост на сите активности поврзани со земање примероци на вода;
- Поголема доверливоста и повторливоста на резултатите, клучни за инспекциски, регулаторни и судски постапки;
- Подобрување на јавно-здравствените интервенции преку брза и точна детекција на ризици во водоснабдувањето;
- Јакнење на меѓународната препознатливост и научен кредибилитет на мониторинг програмите на ИЈЗ.

Институтот сега е подготвен да го започне процесот на акредитација на постапката за земање примероци на вода согласно најновите ISO стандарди (ISO 19458:2006, ISO 5667-5:2007, ISO 5667-3:2024 и ISO 5667-1:2023), со што ги зајакнува своите практики со меѓународно признати стандарди за квалитет и здравствена безбедност на водата за консумација и капење.
Ова партнерство е позитивен пример за тоа дека инвестициите во нови капацитети носат конкретни резултати во напорите за почиста животната средина и поквалитетно јавно здравје.
Програмата за управување, користење и заштита на води е поддржана од Владата на Швајцарија, а се спроведува во партнерство и со учество на Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.


