Објавен SWMI извештајот – основата за јавните консултации за Планот за управување со сливот на Вардар

Министерството за животна средина и просторно планирање го објави Времениот извештај за значајни прашања поврзани со управување со водите од сливот на реката Вардар (SWMI). Станува збор за документ кој ќе се користи како основа во претстојниот процес на јавни консултации за подготовка на првиот План за управување со сливот на реката Вардар. Целта е во процесот, кој ќе трае шест месеци, да се вклучат што е можно повеќе заинтересирани страни, пред сè институциите, општините, јавните комунални претпријатија, приватниот сектор, граѓанските организации, земјоделците, научната јавност.

Времениот извештај ги идентификува клучните прашања и предизвици за управување со сливот на реката Вардар, кој е најважен воден ресурс во државата и опфаќа околу 80% од сите водни тела во Северна Македонија. Дел од темите содржани во извештајот се:

  • главните притисоци и влијанија кои треба да се содржат во Планот за управување со сливот
  • преглед на можни промени на подрачјето на речниот слив наменети за постигнување на целите за животна средина во Законот за води
  • економските сектори  кои може да бидат засегнати, како рибарство, туризам, енергетика, земјоделство
  • општа индикација и можни сценарија за постигнување на промените со аргументи за и против овие сценарија

КАКО ДА СЕ ВКЛУЧИТЕ ВО ЈАВНИТЕ КОНСУЛТАЦИИ

За време на шестмесечните консултации, сите заинтересирани ќе може да достават забелешки, коментари  и мислења за идентификуваните прашања во Времениот извештај, како и да предложат дополнителни теми и да изнесат ставови во однос на потенцијалните мерки. Вклучувањето на јавноста ќе придонесе процесот на подготовка на Планот за управување со сливот на реката Вардар да биде целосно инклузивен и транспарентен и да се обликува ефикасно и одржливо користење и заштита на подземните и површинските водни ресурси во државата.

Сите заинтересирани страни може да се вкучат во овој исклучително важен процес на неколку начини:

  • преку пополнување Прашалник за значајни прашања поврзани со управувањето со водите во сливот на Вардар на македонски или албански јазик
  • директно учество на консултативните состаноци што ќе се организираат од Министерството за животна средина и просторно планирање
  • официјална комуникација со Министерството за животна средина и просторно планирање   на следната е-адреса: infoeko@moepp.gov.mk     

Времениот извештај за значајни прашања поврзани со управување со водите од сливот на реката Вардар е достапен на овој линк.

Процесот на јавни консултации и на изготвување на Планот за управување со сливот на реката Вардар е поддржан од Швајцарската „Програма за управување, користење и заштита на води“, која се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сподели го овој пост