Светски ден на водите во Скопје – преку јавни консултации ќе се исцрта иднината на сливот на Вардар

Со одбележување на Светскиот ден на водите во Скопје, официјално започна процесот на јавни консултации, преку кои ќе се дефинираат идните чекори за управување и заштита на водите од сливот на реката Вардар. Консултациите за најзначајниот воден ресурс во државата ќе траат шест месеци, ќе опфатат повеќе региони и ќе вклучат граѓани од сите категории. На денешниот настан беше презентиран Времениот извештај за значајни прашања поврзани со управување со водите од сливот на реката Вардар, кој ќе биде основа на процесот на јавни консултации.

„Процесот е отворен за сите засегнати страни затоа што најдобрите решенија произлегуваат од заеднички дијалог. Ова што го започнуваме денес е порака дека управувањето со водите во нашата држава се гради со транспарентност, инклузија и одговорност бидејќи одржливите решенија се создаваат со учество на оние кои најмногу зависат од нив“, изјави Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање.

Времениот извештај ги анализира причините што влијаат врз квалитетот и количината на водите, но исто така ги дефинира и главните цели и мерки за подобро управување со водите. Овој извештај и заклучоците од консултациите ќе се искористат за да се развие првиот шестгодишен План за управување со сливот на реката Вардар.

„Првпат институциите се вклучуваат во структуриран, национален дијалог за предизвиците поврзани со водата. Тоа претставува силен демократски чекор. Со повикување на граѓаните, институциите и засегнатите страни да се вклучат, земјата ги поставува темелите за подготовка на првиот План за управување со речни сливови усогласен со стандардите на ЕУ, и за имплементација на Рамковната директива за води“, рече Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија.

Настанот за одбележување на Светскиот ден на водите во Скопје се одржа во рамки на Програмата за управување, користење и заштита на води. Посетителите искусија уникатно доживување преку перформансот на Шарлот Кин, светски позната артистка и активистка, која живее и работи во Женева.

„Водата не е само ресурс, туку и вредност. Водата е сеќавање, движење и живот. Сепак, денес често ја занемаруваме во нашите политики, пазари и технологии. Да не заборавиме да ги почитуваме и негуваме ваквите суштински и клучни елементи како водата“, истакна Кин.

Се одржа и панел дискусија за влијанието на достапноста и управувањето на водите врз родовата еднаквост, што е и глобална тема на годинешниот Светски ден на водите. Заклучокот од дебатата е дека жените се позагрозени во услови на нередовно снабдување со вода и дека е неопходно да бидат подеднакво вклучени во носењето одлуки за управување со водните ресурси и заштита од поплави.

Програмата за води се фокусира на три главни цели – зајакнување на капацитетите на надлежните институции за интегрирано и одржливо управување со водните ресурси, развивање соодветна законска и регулаторна рамка за води и подобро планирање и управување со сливот на Вардар. Оваа програма е на Швајцарија, а се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сподели го овој пост