Во рамки на Програмата за управување, користење и заштита на води се изврши донација на две возила на Управата за хидрометереолошки работи, со цел да се поддржи нејзината работа, особено во делот на спроведување мониторинг на површинските и подземните води во државата. Станува збор за едно теренско и едно патничко возило кои ќе им помогнат на вработените во УХМР навремено и професионално да го спроведат двегодишниот иницијален надзорен мониторинг на билошки, хемиски, физичко – хемиски и хидроморфолошки податоци на водите.

Оваа активност е дел од пошироката програма за мониторинг на водите чија цел е да придонесе за поставување посуштинско разбирање на еколошкиот и хемискиот статус на површинските и подземните водни тела. Креирањето на оваа програма, со користење иновативен пристап и современи методи, ќе овозможи да се направи проценка на квалитетот на водната средина, како и сеопфатната анализа на притисоците и влијанијата во сливот на реката Вардар.
Имајќи ја предвид клучната улога на УХМР во овој процес, преку Програмата за води во тек е и набавка на современа лабараториска и теренска опрема, која ќе овозможи откривање голем број загадувачки супстанци во водите, а со тоа и квалитетен и ефикасен мониторинг на водните површини. Дополнително, се спроведува сеопфатна обука на вработените во УХМР за современи техники за мониторинг и анализа на податоци, со фокус на земање и анализа на примероци и интерпретација на добиените податоци.

Сите овие активности се предвидени во стратегијата за унапредување на мониторингот и анализите на подземните и површинските води. Имплементацијата на оваа стратегија е поддржана од Владата на Швајцарија, која ја разви и ја финансира Програмата за управување, користење и заштита на води, а е кофинансирана од националните партнери – Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Примарните цели на стратегијата вклучуваат подобрување на мониторингот за квалитетот на водите, зајакнување на институционалната рамка, унапредување на легислативата и политиките за води, зајакнување на техничките капацитети и обезбедување долгорочен мониторинг и оценка на водите.


