Околу 40 претставници од јавни институции, во чија надлежност е грижа за водите во Северна Македонија, беа дел од обуката за користење на Географскиот информациски ситем (ГИС) и далечинска детекција при управување со водните ресурси. Обуката, која се одржа на 3 и 4 јуни во рамки на Програмата за управување, користење и заштита на води, содржеше теоретски дел, како и теренски вежби за практични мерења со помош на дрон.
Активното и напредно користење на ГИС има клучно значење за успешно, ефикасно и одржливо управување со водните ресурси. За време на обуката беа презентирани нови пристапи на користење на овој систем, со цел да се унапредат знаењата на вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за хидрометеоролошки работи, Геолошкиот завод, Центарот за управување со кризи, Хидробиолошкиот институт Охрид, Град Скопје и Општина Гостивар.
Дводневната обука опфати предавања од професори на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и експерти од Програмата за води, потоа теренски активности за собирање податоци со дрон, практични студии на случај, како и групни вежби и дискусии.
Географскиот информациски систем (ГИС) ќе се користи во повеќе клучни активности, кои во наредниот период ќе ги имплементира тимот на Програмата за управување, користење и заштита на води заедно со националните партнери. Податоците обезбедени преку напредно користење на ГИС ќе овозможат:
- развој на систем за класификација на површински и подземни водни тела
- изработка на студија за притисоци и влијание врз површинските и подземните води
- создавање мониторинг и ГИС датотеки и надградба на информацискиот систем за води
Сите овие активности ќе придонесат за ефикасно и одржливо управување и заштита на подземните и површинските водни ресурси во државата, кои се главен извор на вода за пиење, наводнување, производство на електрична енергија и одржување на биодиверзитетот и климатската регулација.
Програмата за управување, користење и заштита на води e во сопственост на Владата на Швајцарија, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ја спроведува конзорциумот Skat Consulting Ltd. и PointPro Consulting.


