Обликување одржлива иднина за водата – моите впечатоци од Светската недела на водата

Од Валерија Станоевска

Во август годинава присуствував на Светската недела на водата (World Water Week) во Стокхолм што за мене беше не само професионално постигнување, туку и можност да излезам надвор од секојдневните задачи и да се вклучам во глобалната заедница која ја обликува иднината на водата. Конференцијата на едно место собра претставници на влади, развојни банки, истражувачи, приватниот сектор и млади професионалци од целиот свет.

За мене, тоа беше прилика да ја видам пошироката слика за управувањето со водите – како управувањето, финансирањето, иновациите и вклучувањето на заедниците се преплетуваат со техничките решенија што ги дизајнираме ние инженерите. Во продолжение ги споделувам клучните моменти од сесиите на коишто учествував, информациите што ги стекнав и поуките што ќе ги искористам во нашата работа за управување со подземните води и пошироко.

На оваа работилница бев еден од модераторите и ја водев дискусијата за врската помеѓу перењето алишта, водата и животната средина. Перењето алишта често се занемарува, иако станува збор за активност која троши големи количини вода и предизвикува загадување, а има и значајни родови и социјални димензии.

На глобално ниво, 40 до 50% од перењето сè уште е рачно, а се проценува дека 5,6 милијарди луѓе ги перат алиштата на рака. Во средини со ограничени ресурси, перењето може да одземе до 20% од активното време и најчесто е товар на жените. Додека за едно рачно перење се трошат околу 20 литри вода, за еден циклус машинско перење се потребни приближно 75 литри. Во студија од 2010 година се проценува дека домашните машини за перење на глобално ниво трошат околу 20 трилиони литри вода годишно.

Последиците врз животната средина се еднакво загрижувачки. Перењето алишта е голем извор на загадување од микропластика. Во просек, повеќе од 700.000 микропластични влакна се ослободуваат при едно перење на синтетички ткаенини како полиестер или најлон. Една машина за сушење може да исфрли и до 120 милиони микровлакна годишно или до 40 пати повеќе од машината за перење. Овие микровлакна завршуваат во отпадните води, а потоа во реките, езерата и подземните води, навлегувајќи во системите за водоснабдување, храната, па дури и во човечкото тело. Загрижувачки е што нема суштинска разлика во количината на микровлакна ослободени од рачно и машинско перење.

Размислувајќи за оваа сесија, една мисла постојано ми се враќа на ум:

„Промените на навиките за перење може да бидат моќен чекор кон одржливо управување со водите и социјална благосостојба, имајќи предвид како рутинските домашни активности влијаат врз заедниците и создаваат можности за климатска акција и вистински социјален напредок.“

Пораката е јасна: дури и мали, секојдневни активности како перењето кријат неискористен потенцијал за климатска акција и поголема отпорност на водите.

Еден од најинтересните моменти на неделата беше моето учество како „женска ајкула“ во Shark Tank сесијата за паметни климатски решенија за управување со вода и наводнување, организирана од Азиската банка за развој. Форматот беше динамичен: проектни тимови претставуваа реални пилот-иницијативи, а ние, панелистите, поставувавме критички прашања и дискутиравме како овие идеи може да се развијат во поголем обем.

Четирите проекти од Камбоџа, Индија и Пакистан, покажаа како адаптацијата и ублажувањето на климатските промени може да се интегрираат во „вода за храна“ системите.

Поплави и текови: Климатски приспособувачко и ублажувачко управување со речни сливови (Камбоџа) – оваа сесија се фокусираше на справување со климатски предизвикани суши, поплави и деградирана инфраструктура преку адаптивно управување со резервоари и ревитализација на одводни канали. Проектот вклучува и решенија за рибји патеки и пловечки соларни панели со цел балансирање на еколошките и енергетските потреби.

Трансформативно наводнување со цевководи под притисок: Отстранување на економските бариери (Индија) – овој проект го претстави најголемиот светски цевен систем за наводнување под притисок, кој покрива над 290.000 хектари со 26.000 километри цевководи, 20 пумпни станици и SCADA-системи за волуметриска контрола. Со ефикасност два и пол пати поголема од традиционалните канали, системот обезбедува правичен и навремен довод на вода директно до фармите. Ова придонесува кон намалување на иселувањето, подобар животен стандард и раст на бројот на запишани деца во училиштата.

Megha-ADAPT: Мисија за адаптација на сигурноста на водата и економијата предводена од заедницата (Индија) – проектот го адресира парадоксот на еден од највлажните региони во светот кој се соочува со сериозен недостиг на вода. Со повеќе од 500 објекти за собирање вода, пошумување и обновување на 30.000 пресушени извори, програмата интегрира и метеоролошки станици, соларни пумпи и микро-хидросистеми. Вклучува над 530 локални групи, со 25% жени лидери, поврзувајќи ја сигурноста на водата со зелената егзистенција.

Прекинување на зависноста од старите практики (Пакистан) е проект кој се фокусираше на предизвикот да се надминат конвенционалните практики за наводнување кои ги заглавуваат заедниците во нестабилни модели за користење на водата. Со тестирање на паметни климатски системи за наводнување, алатки за одлучување и партиципативно управување со сливови, иницијативата им помага на заедниците да изградат отпорност и на краток и на долг рок.

Од сите студии произлегоа повеќе заеднички теми како потребата од климатски паметно управување со водните ресурси, оптимизација на системите за наводнување во речиси реално време и важноста на инклузивните пристапи на одлучување во заедницата. Но, предизвиците за нивно унапредување остануваат – од бариери во усвојувањето на технологијата и недостиг на финансии, до навиките на малите земјоделци и институционалниот отпор кон промени. Сите овие презентации ја истакнаа пораката дека техничките решенија напредуваат, но потребни се соработка и заложба на повеќе нивоа за да се реализираат со нивниот целосен потенцијал.

Оваа работилница, организирана од Азиската банка за развој, беше посветена на интегрирано управување со водните ресурси (IWRM) во услови на климатски промени. Јас ја водев дискусијата за управување со ризици од поплави, каде што учесници од цела Азија и пошироко споделија искуства и решенија.

Во текот на разговорот беа потенцирани најголемите предизвици на денешницата, како променливи модели на врнежи, недостатоци во управувањето и несигурни системи на податоци. Но, учесниците посочија и неколку брзи решенија кои се веќе достижни: зајакнување на системите за рано предупредување, подобрување на предвидливото моделирање и проширување на користењето на паметни технологии за мониторинг како SCADA. На долг рок, како клучни беа издвоени природно-базираните решенија – од пошумување и обновување на водотеците, до целосна рехабилитација на речните сливови.

За мене, главната порака е јасна: вистински напредок се постигнува со поврзување на техничките иновации со институционалниот капацитет и со учество на заедниците – лекција која е исклучително релевантна и за нашата работа поврзана со сливовите и подземните води.

Завршни заклучоци

Од Светската недела на водата извлеков три главни заклучоци:

1. Интеграцијата е клучна: Инженерските решенија сами по себе не се доволни. За успех неопходни се добро управување, финансирање и прифаќање од заедниците.

2. Иновацијата е важна: Од SCADA-системи до алтернативни начини на наводнување и сушење, иднината на управувањето со водите зависи од попаметни, адаптивни системи кои ги минимизираат загубите и ја зголемуваат отпорноста.

3. Гласот на заедницата е суштински: Земјоделците и заедниците мора да бидат во центарот на решението. Без нивна вклученост, дури и најдобрите технологии ќе потфрлат.

Тимот млади професионалци на Програмата за води на Светската недела на водата во Стокхолм

За мене, Светската недела на водата беше во исто време инспиративна и мотивирачка. Ми даде поширока перспектива на управувањето со води на глобално ниво и дополнително ја поттикна мојата посветеност да ги донесам овие сознанија дома во мојата држава, особено во рамки на нашата Програма за управување, користење и заштита на води.

Како инженери, често сме фокусирани на техничка прецизност и дизајн. Но, овој настан ме потсети дека иднината на водата зависи од поврзувањето на инженерството со управувањето, отпорноста на заедниците и одржливоста. Само така можеме навистина да изградиме отпорна иднина.

М-р Валерија Станоевска е професионалец за управување со речни сливови во Програмата за управување, користење и заштита на подземни води

Сподели го овој пост