Зајакнување на управувањето со води: Договорени темите на соработка помеѓу Програмата за води и АД Водостопанство

6 август 2025

Денеска се одржа стратешка средба меѓу тимот на Програмата за управување, користење и заштита на води и претставници на АД Водостопанство на Република Северна Македонија, на која главен фокус беше одржливото управување со површинските и подземните води во државата. На средбата се дискутираа идните чекори кон подобрување на управувањето, ефикасноста и одржливоста на водостопанската инфраструктура и јавните услуги.

Претставниците на двата тима ја потенцираа потребата од координирано и инклузивно управување со водите, согласно начелата на Рамковната директива за води на ЕУ. Меѓу другото, се разговараше и за институционалните, правните и финансиските предизвици со кои се соочува АД Водостопанство.

Како јавен оператор на хидротехничка инфраструктура (системи за наводнување, одводнување, водоснабдување, уредување на речни корита), АД Водостопанство има клучна улога во спроведувањето на Плановите за управување со речни сливови и водните политики на национално ниво.

Kлучни теми на дискусија на средбата беа:  

  • Јасно дефинирање на институционалните улоги и подобрување на меѓусебната координација 
  • Финансиска одржливост и политики за наплата на услуги   
  • Подобрување на транспарентноста и вклучување на јавноста   
  • Соработка за подготовка на План за управување со речен слив и спроведување на планот и Програмата на мерки од планот
  • Спроведување функционална, финансиска и стратешка анализа 

Оваа соработка ќе резултира со конкретни препораки и развоен план за АД Водостопанство, со цел модернизација и усогласување со принципите на интегрирано управување со водните ресурси. Планираните резултати ќе придонесат кон поотпорен, поефикасен и поодговорен  сектор за управување со водите во Северна Македонија, кој ќе обезбеди правична и одржлива употреба на водните ресурси за сите. 

Имплементацијата на Програмата за управување, користење и заштита на води е поддржана од Владата на Швајцарија, а е кофинансирана од националните партнери – Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сподели го овој пост