10 јули 2025
Десет вработени во Управата за хидрометереолошки работи и Институтот за јавно здравје минаа низ петдневна обука за земање примероци за анализа на вода, која се организираше во рамки на Програмата за управување, користење и заштита на води. Оваа обука ќе им помогне на професионалците кои се директно вклучени во мониторинг на квалитетот на подземните и површинските води во земјава, во нивните секојдневни напори за правилно управување и заштита на водните ресурси во Северна Македонија.

Презентираните техники и методи за земање примероци вода се во согласност со меѓународните ISO стандарди, а обуката ја спроведе тим од компанијата Фармахем, која е сертифицирана и акредитирана за овие процедури.
„Една од главните цели на нашата програма е да ги унапредиме знаењата и вештините на професионалците од јавните институции кои работат на навремена, ефикасна и одржлива заштита и управување со водите во земјата. Предвидени се повеќе обуки кои ќе ги држат тимови од реномирани експерти и професори и ќе им овозможат на надлежните институции да работат во чекор со меѓународните стандарди, кога станува збор за управувањето со подземните и површинските води“, вели Јан Квиатковски, тим лидер на Програмата за управување, користење и заштита на води.

Првите три дена од обуката беа посветени на теоретскиот дел со фокус на лабораториско тестирање, техники и процедури за земање приероци од води, заштита и ракување со примероците, како и упатства за земање примероци од езера, реки, потоци и од подземни води. Четвртиот и петтиот ден, обуката се одиваше на терен односно се земаа примероци на површински и подземни води од Охридското Езеро и од реката Треска.
Оваа активност е дел од пошироката програма за мониторинг која ќе помогне да се изработи План за управување со сливот на реката Вардар.

Имплементацијата на Програмата за управување, користење и заштита на води е поддржана од Владата на Швајцарија, а е кофинансирана од националните партнери – Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.


