Се подготвува План за управување со сливот на Вардар – пат кон одржливост на најзначајниот воден ресурс во државата

Сливот на Вардар, најзначајниот воден ресурс во државата, ќе го добие првиот официјален и сеопфатен план за одржливо и ефикасно управување. Станува збор за исклучително важен документ, имајќи предвид дека сливот на Вардар опфаќа 80 отсто од вкупните водни тела во земјава што го прави клучен ресурс во дури 68 општини.

Процесот на подготовка на Планот за управување со сливот на Вардар е веќе започнат, а треба да заврши до крајот на 2027 година. Се изработува за период од шест години (2028 – 2033) и ќе претставува патоказ за тоа како да се заштитат и одржливо да се користат површинските и подземните води од сливот на Вардар. Како највисок документ пропишан со Законот за води, планот се развива во целосна согласност со Директивата за води на Европската Унија.

Носител на процесот на подготовка на Планот за управување со сливот на Вардар е Министерството за животна средина и просторно планирање, додека активноста е поддржана од Програмата за управување, користење и заштита на води, иницијатива на Владата на Швајцарија. Во неговата изработка ќе учествуваат сите засегнати страни, вклучувајќи ги наделжните институции, граѓанскиот сектор, земјоделците, бизнис заедницата и заинтересираните граѓани.

„Овој план не е само технички документ, туку стратегија за подобар живот, почиста животна средина и поефикасна борба против климатските промени. Водите од сливот на Вардар имаат суштинско значење за домаќинствата, земјоделството и економијата, како и за поддршка на биодиверзитетот во здрав еко-систем. Токму затоа, планот ќе обезбеди интегриран пристап за управување со површинските и подземните водни ресурси во сливот на Вардар, вклучувајќи хидроморфолошки, климатски, еколошки, социјални и економски аспекти“, вели Јан Квиатковски, тим лидер на Програмата за управување, користење и заштита на води.

ШТО ЌЕ СОДРЖИ ПЛАНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО СЛИВОТ НА ВАРДАР?

Плановите за управување со речен слив се сеопфатни документи кои ги содржат сите значајни аспекти за системски пристап во обезбедувањето заштита и одржливост на подземните и површинските водни ресурси.

Планот за управување со подрачјето на речниот слив на Вардар ќе содржи опис на природните карактеристики и статусот на водата, приказ на притисоците и влијанијата предизвикани од човечки активности, список на заштитени подрачја, мапа на мрежата за мониторинг, економска анализа на користењето на водата.

Дополнително, во рамки на планот ќе биде изготвена листа на цели за квалитетот на подземните и површинските води во сливот, програма на мерки за нивно исполнување, како и средства што ќе се користат за спроведување на оваа програма. Токму таа е срцето на планот, со оглед на тоа што нејзината крајна цел е да се постигне статус на заштита на басенот на Вардар.

ЈАВНИ КОНСУЛТАЦИИ И ВКЛУЧУВАЊЕ НА СИТЕ ЗАСЕГНАТИ СТРАНИ

Како ќе се управува со сливот на Вардар во претстојните години нема да одлучат само неколку поединци или институции, туку во овој важен процес ќе се вклучат сите засегнати страни – јавноста, земјоделците, стопанствениците, граѓанскиот сектор. Согласно динамиката за изработка на планот, до крајот на 2026 година ќе се завршат сите анализи и испитувања и ќе се подготви нацрт верзија, додека во 2027 година ќе се одржат широки јавни консултации.

Еден од клучните механизми за транспарентност и вклучување на јавноста во овој процес е Советот за управување со сливот на Вардар, тело формирано од Министерството за животна средина. Советот има советодавна и координативна улога односно промовира јавна дебата, ги вклучува институциите и граѓаните и дава препораки за развој и заштита на водните ресурси. Ова тело обединува широк спектар претставници – од државни институции и локални самоуправи, до корисници на вода, комунални претпријатија, индустрии, невладини организации, управители на заштитени подрачја. Оваа разновидност придонесува да се чуе сечиј глас и да се обединат јавните и приватните интереси.

Изработката на првиот План за управување со сливот на реката Вардар е повеќе од административна обврска, тоа е можност државата да покаже дека е подготвена да управува со своите највредни ресурси на современ и одржлив начин, во согласност со европските стандарди.

Сподели го овој пост